Договорена е цената на пченицата, што значи откупот може да почне. Мелничарите и производителите на средба во Свети Николе минатиот викенд ги договорија деталите околу откупната цена, според кои 13 денари ќе чини килограм втора класа, 14 денари ќе се плаќаат за прва, а 15 денари за екстра класа. Деновиве и од двата најголеми комбината во Македонија, „Жито Полог“ и „Битола млин“, потенцираа дека ја прифаќаат цената и дека се подготвени за откуп на житото. Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев, смета дека направиле добар договор за откупната цена. До 76 хектарско литарска тежина цената ќе биде 13 денари, од 76 до 78 хектарско литарска тежина цената ќе изнесува 14 денари и над 78 хектарско литарска тежина цената ќе изнесува 15 денари. Сметаме дека е постигнат добар договор, а задоволни ќе бидат и земјоделците и мелничарите.
Договорена е цената на пченицата, што значи откупот може да почне. Мелничарите и производителите на средба во Свети Николе минатиот викенд ги договорија деталите околу откупната цена, според кои 13 денари ќе чини килограм втора класа, 14 денари ќе се плаќаат за прва, а 15 денари за екстра класа.
Деновиве и од двата најголеми комбината во Македонија, „Жито Полог“ и „Битола млин“, потенцираа дека ја прифаќаат цената и дека се подготвени за откуп на житото.
Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев, смета дека направиле добар договор за откупната цена.
„До 76 хектарско литарска тежина цената ќе биде 13 денари, од 76 до 78 хектарско литарска тежина цената ќе изнесува 14 денари и над 78 хектарско литарска тежина цената ќе изнесува 15 денари. Сметаме дека е постигнат добар договор, а задоволни ќе бидат и земјоделците и мелничарите“, истакна Шаклев. Според него, минатата година Македонија има увезено 44.000 тони брашно и околу 55.000 тони пченица, а оваа година до воведувањето на мерката за условен увоз на пченица и брашно се увезени 27.000 тони брашно.
Моментно во тек е жетвата на пченицата, а земјоделците велат дека годинава имаат добар и квалитетен род. Годинава беа насеани 95.000 хектари пченица. Од нив се очекуваат околу 280.000 тони род.
Што се однесува за најавите на Србија дека ќе го ограничи увозот на македонското вино и домати по стапувањето во сила од македонска страна за условен увоз на пченица и брашно од Србија, министерот Димовски истакна дека Владата уште во јануари годинава ја известила Србија за одлуката. „Немаме никаков проблем со ниту еден произведувач надвор од државата и секој што се гледа дека на каков било начин е засегнат, тоа е негово право. Одлуката е донесена врз основа на две основи, Закон за земјоделство и рурален развој во којшто Министерството, односно институциите се задолжени да го заштитат домашното производство и ние го правиме тоа. Второ, врз основа на договорот со ЦЕФТА член 23 Б и 24, во случај на нарушување на пазарот во државата, институциите имаат право да воведат мерки со што ќе се спречи понатамошното влошување. Постапивме по тие два документа и за нашата постапка имаме сериозни аргументи. Не знам дали другата страна има такви аргументи, но ќе треба да ги објасни. И во писмена и во усна форма ги доставивме до српската страна, а што е битно во писмена форма уште во почетокот на јануари“, истакна Димовски.
На оваа владина одлука реагираше Либералната партија на Македонија, која смета дека ценовната конкурентност на македонската пченица не треба да се брани со интервенционизам. „Овие измени во политиките на откуп претставуваат директно прекршување на одредбите од ЦЕФТА-договорот и негативно ќе влијаат на нашите извозни потенцијали, особено на виното“, истакна Горан Николовски од ЛП.
Веднаш реагираше Министерството за земјоделство кое порача дека со оваа мерка Владата ќе заштити еден голем сектор, а тоа е мелничарско-пекарскиот. „Жално е што партија која има амбиции нешто да значи на македонската политичка сцена не може да разбере зошто не само постојната, туку и која било македонската влада треба да интервенира во случај на зголемен увоз и нарушување на пазарот за да го заштити производството и откупот на стратегискиот земјоделски производ“, стои во реакцијата на Министерството.